Од 1 мај ќе паднат цените на Интернет и фиксна телефонија на Телеком
Превземено од Утрински весник
Агенцијата за електронски комуникации од 1 мај годинава ги намали цените на фиксните големопродажни услуги на „Македонски телеком“ за завршување на повик во фиксната телефонија, за пристапот до фиксна мрежа и за широкопојасен интернет.
Намалувањето на големопродажните цени за завршување на повик во фиксната телефонија е за околу 25 отсто, големопродажната цена за пристап до фиксна мрежа ќе се намали за скоро 37 отсто, односно од 331 на 210 денари, а намалувањењто на широкопојасните големопродажни услуги за интернет во просек ќе изнесува 27 отсто. Според директорот на АЕК Роберт Ордановски, намалувањето на големопродажните цени индиректно ќе предизивика и намалување на малопродажните цени кои ги плаќаат граѓаните, но и подобрување на канкуренцијата и влез на нови инвеститори на пазарот. Тој смета дека претходните цени не овозможувале влез на алтернативни оператори, а сегашните цени кои се најмали во Европа ќе овозможат услови за сериозен влез на алтернативни оператори во фиксната телефонија за нудење услуги од фиксниот говор и од фиксниот интернет со акцент на широкопојасниот интернет. „На овој начин очекуваме мрежата на ’Македонски телеком‘ да биде максимално искористена од алтернативни оператори кои со новите цени ќе имаат сериозен финансов показател да ја користат таа мрежа до крајните корисници. Воедно очекуваме да се развие пазарот на фиксна телефонија во Македонија и максимално да се либерализира“, рече Ордановски. Тој најави дека наскоро ќе има и нови цени за терминација во мобилната телефонија и додаде дека неделава на веб-страницата на АЕК ќе биде објавена финалната верзија на Стратегијата од 2012 до 2016 година во која детално ќе бидат опишани сите потези на АЕК во наредните пет години. И министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, смета дека со овој потег ќе се овозможи влез на нови оператори во Македонија, допонителна либерализација на телекомуслугите, како и нови фиксни, интернет и алтернативни оператори со цел граѓаните да добијат поквалитетни услуги за пониски и подостапни цени. (Ек.Р.)