Медиумски крах. Од 07 часот изутрина, па се до 22 часот низ етеров на нашиве ТВ станици дефилират некои нови јунаци, некои нови мангупи. Сулејмани, Ибрахими, Саваши, Клешти и разно разни типчиња додетарани у скупи одела и дебели прстени на руките. Ах дедовциве ни играaт ,,Брејк Денс” во гробниците а еден куп револуционери ни црвенеат по музеите. Ништо чудно ако со ова темпо Гоце и Даме паднат од коњите на плоштад. Џабе Цвета ја браневме со вили и секири од бегот што ја граби,кога денес херои ни се Полат, Саваш, Мемати , Султанот и многу други. Упорно чекав некој да реагира на ова медиумско и кичерајско насилие но тоа сеуште не се случува. Канал 5 Телевизија а и многу други, како национални сервиси на граѓаните буквално се претворија во турски продукциски куќи во кои во секој момент се вртат околу десетина турски серии кои редовно се пополнуваат со нови при завршеток на некоја предходна . Па нашиве актери, Рубенс Муратовски Бранко Ѓорчев, Владо Јовановски, Биљана Беличанец, и многу други наместо да снимаат наши драми, нови македонски ТВ серии, македонски филмови се претворија во Езели, Ибрахими, Султани и Султанки.И зачудува фактот,кога не само на Канал 5, туку и на останатите ТВ канали дефилират во секој момент триесетина ТВ серии од турската продукција. Детските ТВ серии јавните дебати, отворените спортски студија, студенстките форуми, музичките колажи, документарците од нашата славна историја (исклучок е државната телевизија) речиси и да исчезнаа.Дали се тие скапи за емитување или пак овие шлаканици што ни ги емитуваат се многу ефтини.
Децава наши ги заменија урбаните македонски херои со некои си битпазарски сурати ко Али Клешта, со некои оделосани убијци како Полат, Мемати ,со некои си дворски дами како Хурем и Махидевран, со некои шмекери како Саваш и Eзел и разно разни. Дечињата си ги бараат назад Сунгерот Боб, Гарфилд, Том и Џери.Не само што нив ги снема, туку едноставно секој слободен медиумски простор се пополнува со нови и нови турски ТВ серии.А која е функцијата на советот за радиодифузија? Дали некој ја запазува програмската шема на овие ТВ куќи. Дали е некој веќе свесен дека 90 % од времето во кое се емитува ТВ програма се одвоени за нови епизоди или репризи на споменатите серии??? И конечно, ќе стави ли некој крај на ова агресивно наметнување на нечија култура,на нечија традиција и навики. Никој нема против да се емитуваат и странски Тв програми, но ве молам дајте некое шаренило. Со која лудост се прикажуваат наново оние серии кои веќе завршиле и кои го испрале мозокот на голем дел од народот? Кажете ми мене, јас не гледам, дали имаме медиум во кој се прокламира македонската музика, македонскиот филм, македонскиот спорт, нашите актери. Дали имаме емисии од културата, за нашата историја, и каде се старите но историски хитови од тетарските представи. Со што се едуцира младиот човек во оваа земја???
Вака денот од сабајле наместо со цртан филм за најмилите започнува со турски филм. Веднаш по него следуваат репризите од епизодите кои се давале предходната ноќ, потоа се продолжува со нови репризи од веќе некои завршени ТВ серии за вечерта да биде резервирана за новите епизоди, кој задолжително ќе се репризираат наредното утро. Некој толку се засекирал да не се пропушти некоја епизода што ќе помислам дека гледањето на епизодите е од нужно значење на живот и смрт.По константно конзумирање на Истанбулски фолови човек добива симптоми на Оток-Теститис Не е важно што почнавме да навиваме за турците во битките со Христијаните, не е битно што утринското кафе можеби ќе го замениме со руски чај, и што жениве ќе почнат да ни кенкаат за златен накит.Она што е исклучително важно и опасно е што се инсталира еден вид на културна пасивност во создавањето и творењето на наши македонски филмски проекти. Нашиве глумци се веќе зафатени со по 10 тина серии во просек, Нивните гласови ги слушаме во 20 тина ликови па така нивните физономии веќе почнуваат да бледееат, а кога ќе ги слушнеме нивните гласови пред очи ни излегува Султанот Сулејман, Полат, Али Клештата Зумбуљ Ага и многу други.
Турците во Македонија влегоа во економијата на голема врата и од тоа нема и некој проблем.Слободен и отворен пазар. Влегуваат наголемо и во филската индустрија.
Но на што ќе се сведе нашиот културен идентитет ако на една телевизија гледаме партизани и германци,а на друга аги и бегови???
Па луѓе,нашите урбани легенди како Илко…Илија, чичко Кумплунг од Саноуништување, Пиги и Бугер од Среќна нова 49 та и многу други, сеуште се штосни низ кулоарите. Сеуште нивните реплики ѕвонат во нашето опружување.Дали ниската цена на турските тв серии е профит за нас, ако на сметка на тоа се гасне нашата филска, тетарска индустрија. Извадете ги нашите глумци од синхронизација и пратете ги пред ТВ камерите, каде што им е и местото, а за синхронизирање ликови, имате студенти и млади таленти кои допрва треба да се калат и пронаоѓаат.