March 31, 2017
Пишува
Срѓан Ивановиќ
Откако се исцрпени сите опции за негово лекување во Македонија, тој од многубројни медицински установи од странство е советуван да се подложи на третман со матични клетки.
Добив гаранција од руските лекари дека најмалку 80 отсто од загубената функција на телото ќе ми биде вратена. Единствено во болницата во Москва овој третман трае 12 дена, што и цената на лекувањето ја прави поевтина. За разлика од болниците во Кина или во Швајцарија, во Русија сите трошоци ќе изнесуваат не повеќе од 17 илјади евра.
Фото Борче Поповски
Вака ја опиша својата тешка битка што во моментов ја води Поранешниот кошаркар Стеван Гешоски, кој пред две години доживеа мозочен удар, има отежнат говор, парализирана десна страна како и силни болки во екстремитетите на десната страна и на вратот. Откако се исцрпени сите опции за негово лекување во Македонија, тој од многубројни медицински установи од странство е советуван да се подложи на третман со матични клетки.
Тој апелира до бизнис заедницата да му помогнат во овој момент, како и до секој добронамерен човек. Во меѓувреме беше прифатена и иницијативата од судиската комисија, за донирање на целокупните приходи на официјалните лица од претстојното 4. коло во кошаркарската Суперлига, а помош ветија и од Здружението на тренерите.
Без нималку двоумење и без размислување Здружението на кошаркарски тренери одлучи да донира средства за новата битка на Гешоски. Тој е моја генерација, се познаваме одамна. Ние сме им помагале на многу луѓе со донирање средства така што и овој пат тоа нема да биде исклучок – истакна Драган Василов – Цевка, претседател на здружението.
Повозрасните љубители на кошарката го паметат Гешоски како еден од најдобрите тогашни македонски играчи, во некогашната југословенска лига.
Кариерата тој ја започна на 19 години, кога легендарниот тренер Лазар Лечиќ го уфрли во првиот тим на Работнички, кога овој тим значеше многу во тогашното првенство.
Гешоски одамна е надвор од кошарката, последен пат го видовме на функцијата директор на македонската репрезентација за време на европското првенство во 1999 година. Но, неговите некогашни соиграчи и соработници не го заборавија, па сега кога му се потребни дополнителни средства за неговото лекување во Москва, Русија, од Македонската кошаркарска федерација пратија апел за прибирање на средства за неговото лекување.
Им благодарам на моите колеги и пријатели од Кошаркарската федерација, кои несебично се вклучија во прибирањето средства за моето лекување – изјави Гешовски за „Слободен печат“.
Гешовски е еден од ретките кошаркари од Македонија, кој бил член на сениорскиот состав на реномираната селекција на Југославија, со која има освоено сребрен медал од медитеранските игри во Сплит 1979 година, кога во финалето „сините“ беа совладани од Грција, а тогаш светот прв пат на дело ги виде славните кошаркари Никос Галис и Панајотис Јанакис. Тој има сребро и од универзитетските игри во Мексико, а неговата клупска кариера ја одбележа тоа што беше капитен на нашите најтрофејни клубови Работнички и МЗТ Скопје. Со Работнички стаса и до полуфиналето на Купот на победниците на куповите, како и до две купфиналиња во Купот на поранешна Југославија.
Сметка за уплата (НЛБ Банка): 210501570305113
Матичен број: 2212956450033
Адреса на живеење: Ул. Мексичка бр. 3, Скопје