Почивај во мир Бабура!Човекот со вистинско име Љупчо Петровски во Скопје познат како диџеј Бабура. По кратко боледување утрово почина диџејот без кој ноќниот живот во Скопје повеќе нема да биде ист.
Љубителите на ножните забави ќе го запаметат како човекот кој ги правеше најдобрите ноќни журки во Скопје. Знаеше вистински да ја селектира музика и соодветно да влијае на расположението и атмосферата. Во свежо сеќавање ќе останат петочните забави во Интермезо и саботните во ноќниот клуб Xo. Помеѓу колегите важеше за професионалец кој совршено добро ја познава работата.
Професионално, почетоците му датираат од неговиот ангажман во „Мега ФМ“ радио во почетокот на 90-тите години од минатиот век. Подоцна Бабура се префрла во редовите на „Антена 5 Радио“, каде што останува сè до почетокот на оваа декада. Од таму заминува и го основа новото урбано и градско радио. Кариерата ја завршува како дел од менаџментот на скопското "Сити радио".
Утрово слушателите на оваа фрекфенција ги разбуди музика која беше најава за тажната вест за неговата смрт.
Во професионалниот пасус му се запишани безброј сетови во Македонија и голем број гостувања ширум Европа и професионални настапи на иста сцена со познатиот диџеј Тиесто.
Во приватниот дел од биографијата му стои информацијата дека е сопруг и татко на две мали дечиња. Јавноста минатата година беше информирана дека легендарниот диџеј Бабура има принова и станал татко на две момчиња.
Пријателите го знаат како човекот со ведар душ и позитивно раслоложение. Секогаш максимално искрен и чесен. Силен поддржувач на урбаните промени во градот и промотор на ново и современо Скопје.
Тие што го познаваат за жал денес со нескриено разочарување конститираат дека изгубиле голем пријател чија енергија сериозно ќе недостасува во нивниот живот и во урбаниот живот на метрополата.
Борис Поп-Ѓорчев25 January, 2016 - 21:02
По краткотрајно боледување, на 83 години, денеска почина доајенот на македонското новинарство Борис Поп-Ѓорчев.
Борис Поп-Ѓорчев е роден во Велес на 22 јули 1933 година. Како професионален новинар е активен од 1953 година во весникот „Нова Македонија“, кога и станува член на Здружението на новинарите на Македонија. Во неговата богата новинарска кариера има објавено повеќе од 22.000 текстови како уредник и коментатор во „Нова Македонија“, во внатрешно-политичка рубрика, во надворешно-политичка рубрика и како постојан дописник од Москва (од 1975 до 1979 година).
Одликуван е со Орден на трудот со златен венец (1980 година), а добитник е на високата државна награда „11 Октомври“ (2003 година), „Мито Хаџивасилев Јасмин“ (1984 година), „Крсте Мисирков“ (1989 година), „13 Ноември“ (2008 и 2010 година), „Гемиџиите“ ( 2009 година ); „Св. Климент Охридски“ (2006 година) и други.
Погребот ќе биде одржан на 27 јануари 2016 година (среда) на гробиштата Бутел во Скопје.
Нел Харпер ЛиОбјавеново 18:34 19 февруари 2016
Нел Харпер Ли авторката на култната книга „Да се убие подбивната птица" и добитничка на Пулицеровата награда почина на возраст од 89 години, јавија светските медиуми.
Нел Харпер Ли е позната американска писателка, родена во Монровил, Алабама, на 28 април, 1926 година. Во 1949 се преселила во Њујорк каде што ја почнала писателската кариера.
Харпер Ли ја доби Пулицеровата награда во 1961 за романот „Да се убие подбивната птица“. Романот е инспириран од расистичките ставови кои таа ги забележала како дете во нејзиниот роден град на југот од САД.
Заплетот на книгата беше адаптиран во сценари за истоимениот филм снимен во 1962 и многу критичари го сметаат за еден од најдобрите филмови досега.
Харпер Ли со актерот Грегори Пек кој ја играше улогата на Атикус во филмот
Харпер Ли преживеа срцев удар во 2007 година, а откако се опорави се врати во својот роден град Монровил, каде што ги помина последните години од својот живот.
- Луѓето обично го гледаат она што го очекуваат, и слушаат она што тие сакаат да го слушнат - пишува Харпер Ли во романот.
Подготви: А.Ј.
Италијанскиот писател и филозоф Умберто Еко почина синоќа на 84-годишна возраст, пренесуваат италијанските медиуми.
Еко кој боледувал од рак, починал во својот дом, објави италијанскиот весник „Република“ на својата интернет-страница, наведувајќи дека „светот изгуби еден од најважните луѓе на современата култура“, додека „Кориере дела сера“ напиша дека почина „еден од најславните италијански интелектуалци“.
Негови најпознати дела се романите „Името на розата“ кој е преведен на 43 јазици и продаден е во повеќе од 30 милиони примероци и „Нишалото на Фуко“, потоа „Островот на претходниот ден“, „Баудолино“, „Прашки гробишта“, „Таинствениот пламен на кралицата Лоана“.
Тој е автор на бројни есеи и книги од теоријата на уметноста, лингвистиката и семиотиката, а пишувал и литературна критика и книги за деца.
Роден е на 5 јануари 1932 година во Александрија во северниот италијански регион Пиемонт.
Дипломирал филозофија на Универзитетот во Торино во 1954 година, се занимавал со Средниот век и естетиката на текстот. Подоцна ја дефинирал семиотиката како „филозофија на јазикот“.
Тој му припаѓал на литературното движење „Група 63“.
Во интервју за весникот „Гардијан“ минатата година, Еко изјавил дека на пишувањето му пристапува со желба да го „промени“ читателот.
- Не знам што очекува читателот. Мислам дека авторот треба да го пишува она што читателот на го очекува. Проблемот не е да прашате што им е потребно, туку да ги промените - навел Еко.
Тој успеа да го премости јазот помеѓу популарната и интелектуалната култура, објавувајќи ги своите мисли во дневните весници и водечкиот италијански магазин „Еспресо“.
Зад себе ја остави сопругата Рената која е историчар на уметноста и две деца.
Последната книга „Year zero“, Еко ја објави минатата година.
Лепша ПиперковскаОбјавено: 16:16, 20/02/2016
Денеска во својата 83 година почина Лепша Пиперковска, основоположникот на македонската пијанистичка педагогија. Посмртните останки ќе бидат изложени утре 21 февруари (недела) во капелата на Градските гробишта Бутел, а погребот ќе биде во 13 часот.
Факултетот за музичка уметност од Скопје ќе одржи комеморативна седница на 22 февруари (понеделник) во Концертната сала на ФМУ со почеток во 11 часот.
Во рамките на страницата на Архивот Бужаровски (http://www.buzar.mk/) денес е поставена и радио емисијата која Трена Јорданоска ја сними со Лепша Пиперковска на 2 ноември 2006 година.
Лепша Пиперковска е родена на 1 ноември 1932 година, во Скопје. Првиот јавен настап на пијано го има на осумгодишна возраст. Со објективот на фотографот Благоја Дрнков, еден од малкуте визуелни хроничари на настаните во повоениот период, е документиран настапот на Лепша Бојаџиева на еден од завршните годишни концерти на класата по пијано на Нада Органџиева во салата на Средната музичка школа во Скопје. Во 1951 година станува дел од генерацијата македонски музичари кои своето академско образование го изведуваат во еден од главните музички центри на тогашната југословенска музичка култура – Музичката академија во Загреб во класата на проф. Надежда Матовиновиќ. Во 1954 година започнува да предава пијано во Нижата и Средната музичка школа во Скопје. Истовремено таа станува корепетитор на останатите класи, а продолжува и со својата изведувачка дејност и учествува во емисии во живо на програмата на Радио Скопје.
Во 1956 година Лепша Бојаџиева стапува во брак со познатиот доктор гинеколог Христо Пиперковски. Во овој период таа ги завршува и двогодишните студии за наставници за општо музичко образование на Вишата педагошка школа во Скопје, а во 1959 година таа ќе биде назначена за хонорарен предавач по пијано на Вишата педагошка школа во Скопје. Во 1965 година дипломира и во Музичката академија во Белград во класата по пијано на проф. Станка Врињанин.
Првите ученици од класата по пијано на Лепша Пиперковска кои постигнуваат значајни резултати се пијанистките Стела Слејанска и Султана Марковска, подоцна и Евушка Трпкова (Елезовиќ), Валери Стефановски и Димитрије Бужаровски. Истакнатите педагошки резултати придонесуваат Лепша Пиперковска да биде избрана за наставник по пијано во првиот наставнички колегиум на новоформираната Висока музичка школа во Скопје во 1966 година која подоцна (1978/1979 година) e преименувана во Факултет за музичка уметност, каде ќе работи се до пензионирањето.
По повод нејзиниот прв реизбор за наставник по пијано и методика на наставата по пијано, пијанистот и професор по пијано Ладислав Палфи, ќе напише:
„… Лепша Пиперковска постави своевиден рекорд во Македонија на полето на концертната активност преку својата класа. Посебно ги издвојувам целовечерните концерти на нејзините ученици уште за време на трета и четврта година во Средно музичко училиште, со концертни настапи кои одговараат на програмата на дипломските испити на Музичките академии, односно Високите музички школи. Зачудувачки е бројот на таквите концерти, како и концертите на нејзините ученици со оркестар… пет ученици од нејзината класа настапиле со концерти за пијано и оркестар во придружба на Скопската филхармонија, четворица од нив изведоа четири различни концерти – од две различни стилски епохи. Ова е секако линија на најголем отпор… Доследна на својата традиција на исклучителна концертна активност преку својата класа – Лепша Пиперковска во својство на педагог на Високата музичка школа, прва помеѓу наставниците по пијано, и воопшто прва на оваа институција доведе свој студент до целовечерен концерт (солистичкиот концерт на Димитрије Бужаровски во Скопје и Битола и тоа со репертоар кој не е идентичен со програмата на годишните испити)… “
Македонскиот композитор и долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност Властимир Николовски уметничко-педагошкиот профил на Лепша Пиперковска го осветлува на овој начин:
„… Факт е дека од 15-те студенти на отсекот по пијано на Високата музичка школа, 9 студенти се нејзини поранешни ученици. Тоа се резултати кои ретко кој наш педагог во Македонија би можел да ги има во својата педагошка актива… “
Во 1975 година заедно со професорката по пијано Наталија Конева го издаваат првиот македонски учебник од областа на пијанистичката педагогија Школа за пијано за студентите на Вишата педагошка школа. Покрај наставата по главен предмет пијано и наставата по методика на пијано и теорија и историја на пијанистичката литература на ФМУ, Лепша Пиперковска предава пијано и на голем број студенти од одделот за музичка теорија и педагогија. Повеќето од нејзините студенти образувани во овој период денес се стожери на средните музички училишта и факултетите за музичка уметност низ Македонија. Во нејзината класа по пијано биле: Евушка Трпкова-Елезовиќ, Стела Слејанска, Валери Стефановски, Султана Марковска, Димитрије Бужаровски, Лепа Христова-Мрмевска, Јелица Митревска, Драги Апостолов, Катерина Гајдова, Маргарита Јосифовска-Татарчевска, Нешка Шаламанова, Валентина Гушевска-Нолчева итн. Во нејзината класа по методика на музичка настава магистрирале Милица Шкариќ и Слаѓана Јовановиќ.
Лепша Пиперковска е автор на 8 учебници за наставата по пијано наменети за основното музичко училиште, средното музичко образование по предметот пијано-облигат и предметот пијано на Педагошкиот факултет во Скопје. Таа воедно е автор на повеќе стручни трудови од областа на пијанистичката педагогија, теорија и практика. Професор Станка Врињанин за овие трудови пишува: „ Школа за пијано, Клавишно жичани инструменти како и Развој на пијанистичката педагогија се плодови на големата ерудиција, како и на аналитичкиот дух, кој не може да се задоволи со шаблони, туку ги бара најдобрите патишта и решенија во современите достигнувања на пијанистичко-педагошката теорија и практика. “
Покрај претставувањето на бројните семинари во музичките училишта во Република Македонија учебниците по пијано на Лепша Пиперковска се претставени и на музичките установи низ Европа. Забележано е нејзиното учество со предавања и работилници на меѓународниот семинар на Европската асоцијација на педагозите по пијано кој се одржал во Бехиње, Чешка во 1997 година, a воо 1998 година, одржува предавање по покана на стручниот совет за музичка педагогија на Високата школа за музика и театар во Хамбург.
Антони "Тони" Бартон26. февруари 2016 - 12:13 | Б.С.Б.
Актерот Тони Бартон, најмногу познат по улогата на тренерот на Аполо Крид во серијалот „Rocky“, почина на 78-годишна возраст во својот дом во Калифорнија.
Тој беше дел од сите делови на „Rocky“, а во последните филмови стана тренер и на Роки Балбоа, познатиот лик на Силвестер Сталоне.
Инаку, кариерата ја започнал како боксер и рагби играч. Освен улогите во „Rocky“, ќе остане запаметен и по улогите во „The Shining“, „Armed and Dangerous“ и други.
Нико НесторДатум: 26.02.2016, 23:01
Нико Нестор, првиот Македонец кој го преплива Ла Манш почина во Скопје во својата 81. година
Нестор на 9 септември 1959 година го преплива каналот меѓу Франција и Британија за 12 часа и 6 минути, како прв човек од источна Европа кој го совладал растојанието од Кале до Довер.
Во 2009 година за овој подвиг тој доби специјално признание од Здружението на пливачки маратонци. Нестор е и првиот Македонец кој го препливал Охридското Езеро - од Свети Наум до Струга за 11 часа и 28 минути во 1958 година.
Нестор е роден на 19 јуни 1934 година во Струга. На републичките првенства освои 14 титули, соборувајќи неколку републички рекорди во периодот од 1948 до 1967 година.
Погребот ќе биде оддржан на Градските гробишта во Бутел во 12 часот.
Томе Серафимовски3. март 2016 - 12:43 | Kајгана/Макфакс
На возраст од 80 години, денес во Скопје почина академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор.
Погребот ќе се изврши во недела на градските гробишта во „Бутел“ во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 11 до 12 часот.
Македонската академија на науките и уметностите на 7 март ќе одржи комеморативна седница во 12 часот.
Серафимовски има создадено над 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и дрво. Од нив, околу 250 се одделни портрети, повеќе од 170 актови, 100-тина скици, минијатури, идејни решенија од областа на ситната пластика, над 15 скулптури со анимални сцени, околу 10 торза и релјефи. Реализирал и 40-тина споменици и спомен-обележја кои се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.
Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот.
Во текот на 60-годишното активно творештво, Серафимовски учествувал на околу 300 групни изложби, а реализирал 40 самостојни изложби во земјата и во странство.
Роден е во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година. Основното образование го завршил во Гостивар, а во 1957 година завршува средно уметничко училиште во Сплит, отсек вајарство во класата на проф. Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Извесен период работи како сликар сценограф во Народниот театар во Сплит.
Во 1957 година, своето образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб на која дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Истата година, тој е соработник во мајсторската работилница на својот професор.
Како стипендист на Владата на Република Франција, реализира повеќегодишен студиски престој во Париз. За тоа време работи како соработник на позната француска скулпторка, Алиција Пеналба.
Во критиката, е ситуиран во традицијата на париската школа, останувајќи притоа верен на духот на медитеранската традиција. По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Од средината на 1970 година до 1987 година живее и работи во Гостивар и во Охрид, а потоа одново се враќа во Скопје. Активно учествува на многу југословенски и македонски конкурси и создава голем број споменици.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962 година, а од 1977 до 1978 година е негов претседател. Од 1977 до 1980 година бил член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на ликовните уметници на Југославија.
На 7 октомври 1988 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Од 1992 до 1999 година е секретар на Одделението за уметност и член на Претседателството на МАНУ.
Во 2003 година е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, а во 2006 година за член на Светската академија за уметност и наука со седиште во Сан Франциско, САД. Во 2010 е избран за член на Креативниот круг „Орфеј“, додека следната година ја добива титулата почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2015 е избран за странски член на Црногорската академија на науките и уметностите.
Во спомен на неговите предци и на неговото родно место, во 2008 година во селото Зубовце е осветена црквата „Св. апостол Тома“ чиј ктитор е токму Серафимовски. Иконостасот во црквата е дело на Серафимовски и е изработен во единствена техника, барелјеф во бронза, што се смета за прв пример во поновата уметност.
За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.
http://www.idividi.com.mk/showbiz/celebrity/1057664/index.htmlОбјавено во 16:31 04 март 2016
Утрово во осум часот во 55-тата година од животот почина Екрем Јевриќ, оваа информација беше потврдена од менаџерите од САД, објави Дневни аваз, а пренесува 24 сата.
Јевриќ тргнал на работа со автомобилот и попат добил срцев удар. Веста беше потврдена од менаџерите од Америка. Кога докторите пристигнале, тој веќе не давал знаци на живот.
Веста за неговата смрт била објавена на веб-сајтот Гусиње, родното место на интернет ѕвездата.
Екрем Јевриќ е роден во1961 година во Плав, Црна Гора. Тој се оженил во 1985 година и со неговата сопруга Икбал има четири сина. Пред да стане познат, тој работел како таксист и работник.
Јевриќ се прослави со песната Куќа, посао“ и стана еден вид на икона на јутјуб. Неговиот хит е виден 13 милиони пати.
Јевриќ стана преку ноќ интернет сензација, а за неговата популарност пишуваше дури и британскиот „Индепендент“.
Тој учествуваше во снимањето за модниот бренд Долче и Габана во кој играше улогата на кројач, а се појави и во реалното шоу Фарма.
Подготви: А.Ј.
Екрем ЈевриќИзвор: ИДИВИДИ
Објавена на 04 03 2016 16:24:11
Екрем Јевриќ, интернет ѕвездата од Њујорк, ненадејно почина во 55 година од својот живот.
Според српски Курир, Јевриќ утрово тргнал на работа и доживеал силен срцев удар. Кога пристигнала брзата помош реалити ѕвездата не покажувала никакви знаци на живот.
-Во пет наутро тргна на работа. Влезе во автомобилот и тука умре. Не успеал ни да го запали возилото, изјавила неговата сопруга.
Екрем ќе остане запаметен по својот хит „Kuća posо“ како и по неколкуте реални шоуа во кои што учествуваше.
Рејмонд Семјуел Томлинсон7 March, 2016 - 10:50
Реј Томлинсон, американски програмер заслужен за постоење на и-мејл комуникацијата, почина на 74-годишна возраст, јави денеска Би-Би-Си.
Томлинсон починал во саботата од последици на срцев удар.
Во 1971 година американскиот компјутерски програмер ја измисли електронската пошта која може да се испраќа од една во друга мрежа. Неговиот изум вклучува и употреба на симболот @ во и-мејл адресите.
Томлинсон го испрати првиот и-мејл додека во Бостон работел како инженер во истражувачка компанија.
Џорџ Хенри Мартин09.03.2016, 10:49
Музичкиот продуцент на „Битлси“ со бендот продуцираше над 700 песни и беше познат и како петтиот член на групата
Во 90-та година од животот вчера почина музичкиот продуцент Џорџ Мартин, чија кариера е нераскиливо сврзана со музиката на „Битлси“.
Мартин беше продуцент на повеќе од 700 нумери на „Битлси“, но има работено како продуцент и со цела низа познати пејачи и групи, како Ширли Бејси и Сила Блек, „Гери енд Пејсмејкерс“, Стинг, Селин Дион, со оперскиот пејач Хозе Карерарас, како и со џезистот Стен Гец.
Џорџ Мартин, син на столар од северен Лондон, им помогна на „Битлси“ да постигнат светски успех, учествувајќи како продуцент на песните на Џон Ленон и Пол Макартни и на целата група, но и како главен шеф на дискографската фирма „Парлафон“, откако прв пат слушна за нив во 1962 година.
Британските музички експерти се согласуваат дека без него, „Битлси“ ќе беа сосема поинаков бенд и немаше да го имаат оној звук што ги направи познати, ценети и популарни во светот.
Во текот на нивната соработка, Ленон и Макарти не секогаш се согласувале со неговите сугестии, како на пример, со внесувањето на гудачки квартет во песната „Yesterday“, но тие секогаш ги прифаќале неговите идеи, па така оваа песна стана светски хит веднаш штом прв пат беше емитувана.
Изрази на сочувство, но и на голема почит за Мартин, први испратија Ринго Стар (75), тапанарот на групата, Шон Оно Ленон, синот на прославениот Џон Ленон, како и британскиот премиер Дејвид Камерон.
- Боже, благослови го Џорџ Мартин, мир и љубов за неговото семејство, Ќе ни недостасува. Ти благодариме за сета љубов и добрина, напиша тапанар на Битлси Ринго Стар на „Твитер“.
Во 1997 година, Мартин беше продуцент на новата верзија на хитот на Елтон Џон „Candle in the Wind“, што е досега најпродаваниот сингл во музичката историја.
Тој често беше нарекуван петтиот член на легендарниот бенд.
Драгослав НиколиќИзвор: ИДИВИДИ
Објавена на 11 03 2016 09:35:46
Великанот на српското актерство, Драган Николиќ ја загуби битката со ракот и денес на 72-годишна возраст почина, пишува српски Курир.
Драган и неговата сопруга Милена Дравиќ се запознале за време на водењето на шоу програмата „Obraz us obraz“, а исто така за време на паузата од снимањето на истото шоу, тие се венчале. Милена до последен ден беше до него.
Роден е на 20 август 1943 година во Белград. Откако завршил основно училиште, се запишал на Четиринаесетта белградска гимназија, која не ја завршил, бидејќи го преместиле во Економското училиште. По две години, полагал приемен испит на Академијата за театар, филм, радио и телевизија и со тоа на 17-годишна возраст тој станал најмладиот студент. Дипломирал на Факултетот за драмските уметности во Белград.
Ја започнува својата кариера во 1964 година со мала улога во филмот „Pravo stanje stvari“, додека првата значајна главна улога ја оствари преку ликот на сезонскиот работник, кој не го најде своето место во општеството во филмот „Kad budem mrtav i beo“. Потоа добиваше неколку награди, меѓу која и Октомвриската награда во 1985 година за „креативната способност возбудливо да го пренеси ликот на психолошкиот распон“ во улогата на насилникот Гаре во филмот „Život je ljep“.
Го гледавме во телевизиската серија „Otpisani“, како и во „Povratak otpisanih“. Во 2000 година доби награда за животно дело.
Овој лик, ќе ни недостига да го гледаме во филмовите и програмите реализирани под српски режисерски палки. Почивај во мир, легендо!
Ацо Јовановски19.03.2016, 08:37
Легендата на македонското глумиште почина синоќа во Скопје на 85-годишна возраст
Синоќа во Скопје на 85-годишна возраст почина актерот Ацо Јовановски, бард на македонското глумиште.
Ацо Јовановски е роден на 31 декември 1930 во Скопје. Јовановски стана дел од првата генерација дипломирани актери, чија театарска кариера започнува веднаш по дипломирањето во 1952 година во Македонскиот народен театар.
По 13 години поминати таму, и по скопскиот земјотрес, тој е еден од малубројната група која преминува од МНТ, формирајќи го Драмскиот театар, каде ќе го помине остатокот од долгата и плодна театарска кариера, до неговото пензионирање.
Публиката ќе го памети по улогата на Досе во „Бегалка“, која станува една од неговите заштитни улоги. Следуваат „Долго патување во ноќта“, каде ја играше улогата на Едмонд, беше Принцот во „Пепелашка“, Турчинот во „Манде“, Третљов во „Галеб“…
Јованоски играше и во над 60 филмови во поранешна Југославија и во Македонија. Филмската кариера ја започнува како Климе, со улогата во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. По него следуваат „Мирно лето“, „Црно семе“, „Жед“, „Македонски дел од пеколот“, „Селска буна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Ангели на отпад“, како и многу ТВ филмови и серии како „Јагне на ражен“, „Илинден“, „Волшебното самарче“,„Претежно ведро“, „Трето доба“, „Погрешно време“...
Според неговите актерски остварувања може да се окарактеризира како актер кој успешно и подеднакво се снаоѓа во толкувањето улоги во комедии, историски драми и филмови со современа тематика. За нив има добиено многу награди: за животно дело, за ролји и еден орден за труд. Тој е единствениот македонски актер, кој заедно со Петре Прличко ја има добиено наградата „Славица“.
Прекарот Снагата, според кажувањата го добил зашто во младоста бил исклучително слаб, тенок и висок, а се правел важен во расправии и во боемските дискусии.
За скопјани Ацо Снагата ќе остане урбана легенда, голем уметник, градски господин, шегаџија, боем, човек од народот кој за својата работа ги доби највисоките признанија.
Покрај незаборавните улоги, тој остави генерации одлични актери зад себе, ќерката Силвија Стојановска, со нејзините млади, а веќе истакнати ќерки, глумиците Јана и Ана Стојановски.