Тие не мислат дека на Приштина ѝ се потребни промени. Според нив, животот во градот е сосема нормален. Не ги осудуваат корупцијата ни непотизмот. Барем не директно...
Нивната цел е да ја добијат власта и да се збогатат. Доколку со корупција не успеат од прва – ќе продолжат да се обидуваат. Сепак, ветуваат дека ќе донесат 900 милиони евра инвестиции во Приштина, но и Формула 1 на Косово. Дозволи за градење ќе им издаваат исклучиво на оние што планираат и нелегални надградби.
Станува збор за новиот косовски политички субјект, Партија е форте, или во превод Силна партија, на чие чело е Висар Арифај, или како што го нарекуваат, легендарниот претседател на партијата. Тој е кандидат за градоначалник на Приштина.
Тој е секогаш сериозен, има мустаќи, а стилот на облекување му се состои од кошула, палто и шорцеви со високи чорапи. Симболот на неговата партија е двоглавиот орел, но со мускули наместо со крилја.
Силната партија нема ниту еден член, а освен легендарниот претседател сите други се потпретседатели. На косовското општество му претставуваат еден нов дух користејќи речник преполн со иронија и пародија.
Јавноста најпрвин била збунета од оваа група млади луѓе. Најголемата конфузија ја предизвикува токму тоа што се сериозни, а при тоа секој нивен говор е преполн со исмејување на сметка на актуелниот политички врв.
За време на предизборната кампања тие станале вистински хит. Нивните пароли често се цитираат на социјалните мрежи, а на Фејсбук имаат над 37 илјади следачи.
Арифај тврди дека токму ветувањата им се најсилното оружје.
„Моето главно ветување е дека секогаш ќе давам ветувања. Колку може подобри и колку може поубави, за граѓаните да се чувствуваат полесно бидејќи има некој што размислува за решенијата во оваа држава. Тоа не значи дека ние ќе ги исполниме ветувањата, туку доволно е за смирување на народот ние да ветуваме, а колку од тоа ќе се оствари, тоа е сосема споредно прашање“, вели тој.
Прва задача – нова канцеларија и нов автомобил
Силната партија има добри односи со сите останати партии и воопшто не ги смета за ривали. Како доказ за тоа на сметката на движењето Самоопределување донирале 10 евра за нивната кампања.
Во развојниот план наречен Лорем Ипсум нема ни снабдување на градот со вода, ни изградба на високи згради. Тука се меѓутоа изградба на автопат во самиот град, патека за Формула 1, и обединување на Приштина со Косово поле, поради големиот број на потпретседатели на партијата кои живеат таму.
За цените на овие проекти воопшто не се загрижуваат.
„Најголемиот проект е автопатот меѓу населбите Драгодан и Сончев брег во Приштина, кој ќе минува низ Народната библиотека, каде ќе се направи фантастичен тунел. Проектот Формула 1 ќе чини нешто помалку од милијарда евра, но ние никогаш нема да се двоумиме да ги трошиме парите на граѓаните“, изјавил Арифај.
Доколку победи на изборите и стане градоначалник на Приштина, Арифај вели дека прва задача ќе му биде реновирање на канцеларијата по негов вкус, и избирање службен автомобил.
„Како и секој друг одговорен претседател, мојата прва задача ќе биде реновирање на канцеларијата. Ќе се почне од нула, од столовите, мебелот, компјутерите, транспортот... Тоа ќе биде мојата прва активност како градоначалник на општината“, тврди Арифај.
Градоначалничката позиција е само првиот чекор за него, бидејќи амбициите на легендарниот претседател се премиерската функција, па и местото на претседател на државата.
Останува да се види што ќе ѝ донесе 3 ноември на оваа партија, но едно е сигурно – другите кандидати ќе останат со многу помал број гласови на своите конта.
Извор: Вијести