Ај среќна Нова Кинеска Година, година на Зајакот:
Според кинескиот календар денеска започнува кинеската Нова година и според кинескиот хороскоп ќе биде во знакот на зајакот.
Кинеската Нова година или Празникот на пролетта е најважен и најсвечен празник на Кинезите во цела година, како Божиќ во западниот свет. Според преданијата, празникот на пролетта има историја долга 4.000 години.
Многумина веруваат дека годината на Зајакот носи добра среќа на родените во тој знак, па затоа зајаците треба да се хранат и чуваат. Поради тоа продавниците со животни и фармите со зајаци во Кина се испразнети.
Во Кина, Зајакот се смета за еден од најсреќните знаци. Оние кои се родени во тој знак се сметаат за љубезни, лојални и доверливи иако се опкружени со мистика. Зајакот, особено оној со бело крзно исто така во традиционалната кинеска култура е симбол на долговечност. Старите Кинези верувале дека зајакот, кој се нарекува „ту“ е одлика на интелигенција.
Зајакот традиционално е четврти по ред од 12 знаци во кинескиот зодијак.
Кина е земја со околу 1,3 милијарди жители, меѓу кои, освен националноста Хан, постојат уште 55 националности. Иако тие имаат поинаков јазик и традиција, повеќето од народностите го сметаат Пролетниот фестивал за значаен празник на својата нација.